Изгласан новиот состав на Европската комисија, мандатот го почнува на 1 декември
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за која ова ќе биде втор мандат на чело на извршната институција на Европската унија (ЕУ), пред гласањето го претстави составот кој го сочинуваат 26 нови еврокомесари.
На пленарната седница на ЕП за време на презентацијата, фон дер Лејен вети дека Комисијата ќе се заложи за посилна и побезбедна Европа, која ќе ги зголеми инвестициите во одбраната и ќе продолжи да работи на намалување на загадувањето на животната средина, дигитализацијата и зголемувањето на конкурентноста на европската економија на глобалната сцена.
Гласањето за новиот состав на ЕК следуваше откако беше постигнат договор меѓу главните пратенички групи во ЕП за имињата на 26-те комесари, додека во текот на летото беше постигнат договорот Фон дер Лајен повторно да биде на чело на Комисијата.
Новите еврокомесари претходно поминаа низ сослушувања во соодветните комисии на Европскиот парламент и секој од нив доби поддршка за извршување на функцијата во областа што му беше доделена.
Претседателката на ЕК при своето излагање истакна дека во ЕУ место имаат и земјите кандидатки од Западен Балкан и од источна Европа.
Таа, исто така, подвлече дека процесот на проширување ќе продолжи со почитување на принципот на индивидуална заслуга на земјите кандидатки во реформскиот процес.
Две жени на чело на европската политика во регионот
Со регионот на Западен Балкан во новиот состав на ЕК ќе се занимаваат Марта Кос од Словенија, која ќе биде комесарка за проширување и Каја Калас од Естонија, која ќе биде на чело на надворешната политика на ЕУ. Во нејзиното портфолио е и процесот на нормализација на односите меѓу Србија и Косово.
За време на сослушувањето во ЕП на почетокот на ноември, Марта Кос потврди дека ќе се погрижи патот кон пристапувањето во ЕУ да остане целосно заснован на заслуги и дека нема да „го компромитира квалитетот на сметка на брзината“.
Идната шефица на европската дипломатија, Каја Калас, на сослушувањето потврди дека ќе се заложи за зајакнување на безбедноста на ЕУ, како и дека ќе соработува со соседите кои споделуваат заеднички вредности и аспирации за членство во Унијата.
Антонио Коста на чело на Европскиот совет
Истиот ден кога ќе започне мандатот на ЕК, 1 декември, поранешниот португалски премиер Антонио Коста ќе ја преземе функцијата претседател на Европскиот совет – највисоката политичка институција на ЕУ.
Меѓу првите активности на Коста на чело на Советот на ЕУ е работната вечера со лидерите на Западен Балкан, која ќе ја организира практично на вториот ден од функцијата. Вечерата ќе биде организирана во вторник, 3 декември.
Вечерата се одржува со цел за подготовка на претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи на 18 декември во Брисел и со кој првпат ќе претседава Коста.
Како што објаснија официјални лица во Брисел, со оваа средба Коста сака да испрати сигнал до Западен Балкан дека регионот и процесот на проширување ќе ги смета за приоритет во текот на неговиот мандат.