Лидерот на ДП Сали Бериша излегува од домашен притвор
Во изјава за медиумите неговиот адвокат, Генц Ѓокутај, изјави дека нема друга безбедносна мерка за Бериша, што подразбира и враќање на патната исправа, откако судот утврдил дека за него не постојат услови и критериуми за каква било мерка на безбедност.
„Судот заклучи дека за господинот Бериша веќе не постојат услови и критериуми за каков било вид мерка. Со судијката Ирена Ѓока се караме една година и нешто. Ставот на Стразбур е одлучувачки и има примарна улога во оваа работа. Специјалното обвинителство, СПАК, нека прави што сака“, изјави адвокатот Ѓокутај.
Бериша (80) беше во „куќен притвор“ од 30 декември минатата година, откако одби да ја спроведе мерката „обврска за јавување“ против него, сметајќи ја за неуставна, но беше многу активен на социјалните мрежи а секоја вечер се обраќаше од прозорецот на станот на негови приврзаници.
Тој е обвинет од СПАК за сторено кривично дело „Пасивна корупција на високи државни функционери или локални избраници“, извршено во соработка во врска со приватизацијата на поранешниот спортски комплекс „Партизан“ во Тирана.
Во истото досие, обвинет е и неговиот зет за ќерка, кој, според СПАК со помош на Бериша, како премиер го приватизирал и на големиот простор изградил повеќекатници, здобивајќи се со профит од над 5 милиони евра.