Хезболах го прогласи слабиот прекин на огнот со Израел за „божествена победа“
Во своето прво обраќање по стапувањето на сила на примирјето на 27 ноември, Наим Касем на 29 ноември рече дека групата поддржана од Иран „победила“.
„Затоа што го спречивме непријателот да го уништи Хезболах“ и да го ослаби либанскиот „отпор“, изјави Касем.
Хезболах, кој контролира голем дел од јужен Либан и има претставници во парламентот, е прогласен од Соединтите држави за терористичка организација, додека ЕУ го стави на црната листа само воено крило, не и политичката партија.
Прекинот на огнот стави крај на речиси 14-месечните борби меѓу Израел и Хезболах. Израел го засили притисокот со започнување копнена офанзива во јужен Либан во октомври и со масовни воздушни бомбардирања на упориштата на Хезболах во Бејрут и на други места.
Со примирјето завршува присуството на Хезболах во јужен Либан. Израел, исто така, мора да ги повлече своите копнени сили од Либан во рок од 60 дена од стапувањето на сила на договорот.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 26 ноември го предупреди Хезболах дека Израел ќе преземе акција доколку се посомнева дека Хезболах го прекршил договорот.
На 29 ноември, неколку часа пред Касем да го одржи својот говор, Израел соопшти дека погодил ракетен фрлач на Хезболах во јужен Либан, откако забележал милитантна активност.
Соединетите држави и Франција го надгледуваат спроведувањето на примирјето, кое вклучува одредби за илјадници либански војници кои се преселуваат во јужен Либан за да работат со мировниците на ОН и да го држат Хезболах подалеку од израелската граница.
Хезболах лансираше ракети врз северен Израел од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година. Таа рече дека ќе ги прекине своите напади само откако Израел ќе ја заврши војната во Газа.
Во текот на изминатите 14 месеци, Израел го уби речиси целото раководство на Хезболах, вклучувајќи го и претходникот на Касем, Хасан Насрала, и го десеткуваше воениот арсенал на групата.
Израел вети дека ќе обезбеди Иран да не може да продолжи да ја финансира и вооружува групата и го предупреди сирискиот претседател Башар ал Асад да не ја олеснува иранската помош за Хезболах.