Рокас: Во тек се дипломатски активности за евроинтеграциите на Северна Македонија
„Премиерот на Северна Македонија беше во посета на Брисел каде што се сретна со новото раководство на ЕУ, а следната недела, на 18 декември, ќе има уште една можност да го посети Брисел, во рамките на Самитот на ЕУ и земјите од Западен Балкан. Јас мислам дека од страна на новото раководство на ЕУ е јасно кажано дека процесот на проширување е врвен приоритет, вклучително и со Северна Македонија“ изјави Рокас.
Тој додаде дека и делегацијата на ЕУ прави огромни напори да заврши процесот на реформи за Северна Македонија и таа да стане членка на ЕУ.
„Каква било друга дополнителна поддршка или дипломатски активности се повеќе од добредојдени“, изјави Рокас.
Тој посочи дека во моментот во тек се повеќе дипломатски активности во врска со ова прашање, потенцирајќи дека новото раководство на ЕУ прави многу напори за Северна Македонија да стане дел од европското семејство.
Во врска со американската црна листа на која се ставени поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети, рече дека сега е важно судството во земјава да ги преземе сите можни активности поврзани со овој случај, но и со сите други случаи каде што е присутна корупцијата во државата.
„Соединетите Држави презедоа значаен чекор во борбата против корупцијата, со ставање на поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети на американската црна листа. Меѓутоа, она што е важно е дека судството во државата треба да ги преземе сите активности не само во врска со овој последен случај, туку и сите други видови на корупција кои се присутни, со цел да имаме независно судство“, рече Рокас.
Тој додаде дека ЕУ има преземено значајни активности и напори за обезбедување механизми за зајакнување на судството.