Изгласани три амандмани на Уставот
Во Комисијата за уставни прашања се дебатира за предлог-амандманите на Уставот, вклучувајќи го тука и предложениот уставен закон за нивно спроведување. Во фокус на дебатата беше државјанството односно членот 2 и ставот 2 каде што се предвидува државјанството да биде „македонско/граѓани на Република Северна Македонија“.
Со оваа формулација не се согласуваат пратениците од Алијансата на Албанците Зијадин Села и Фадил Зендели од Беса. Пратениците Соња Мираковска од НСДП и опозицискиот пратеник Панчо Минов од ГРОМ, пак, ги поздравија интервенциите во предложените амандмани по собраниската дебата и јавните расправи организирани од Владата.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи реплицирајќи им на пратениците Албанци рече дека интервенциите се направени во согласност со Договорот од Преспа, што беше и причина за уставни измени, додека етничките прашања се опфатени со Охридскиот рамковен договор, кој ќе стане составен дел на Уставот.
За Предлог-уставниот закон беа поднесени седум амандмани и тоа Алијансата на Албанците, од Беса, Мухамед Зекири и Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Амандмани на предлог-амандманите за пленарната седница може да се понесуваат најдоцна осум дена пред почетокот на седницата, која е закажана за 9 јануари следната година.