Собранието без услови за работа, шест пратеници од владејачкото мнозинство отсутни поради ковид-19
Претседателот на Собранието Талат Џафери, пред да ја прекине седницата, информира дека шест пратеници од владејачкото мнозинство не се присутни поради ковид-19. Тој рече дека опозицијата го користи отсуството на пратениците и излегувајќи од салата сака вештачки да создаде атмосфера дека власта нема парламентарно мнозинство.
Џафери истакна дека поради ситуацијата со ковид-19 треба да се најдат алтернативни решенија за да можат сите пратеници да учествуваат во работата на Собранието.
Претходно, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски побара на дневен ред да се најдат два Предлог-заклучоци за односите со Бугарија, за кои тој побара Собранието да се произнесе.
Џафери рече дека за тие заклучоци нема доволно материјали за седницата. Откако Предлог-заклучоците на опозицијата не беа ставени на дневен ред, ВМРО-ДПМНЕ ја напушти салата, а седницата ја напуштија и двајцата пратеници на Левица.
