Филипче: Во следните две недели вакцини ќе добијат сите пријавени
„Откако ќе се вакцинираат оние што се пријавени, пунктовите ќе останат отворени за вакцинација на граѓаните“, изјави Филипче потврдувајќи дека денеска ќе стигнат 100.000 дози од вакцините на Фајзер. Според најавите в недела треба да бидат испорачани 500.000 кинески вакцини Синовак.
Инаку, досега во земјава вакцинирани се скоро 286 илјади граѓани, од нив скоро 209 илјади целосно со две дози.
Повеќе вакцини од заинтересирани граѓани
Филипче додаде дека вакцините на Фајзер ќе бидат дистрибуирани до осумте големи центри за имунизација поради можноста за чување во фрижидерите, додека вакцините на Синовак и во големите и во помалите центри.
„Од понеделник во следните две недели ќе бидат вакцинирани и најмладите пријавени, но предност ќе имаат постарите“, рече Филипче.
Тој додаде дека го подготвуваат и системот за теренска вакцинација кој ќе почне на 15 јули, наведувајќи дека засега вакцинирањето нема да биде задолжително бидејќи таква идеја немало во Комисијата за заразни болести и дека нема таков пример во светот, но апелираше дека треба се поголем број граѓани да се вакцинираат.