Ковачевски-Брнс: Да се интензивира економската соработка
На средбата меѓу премиерот Ковачевски и амбасадорката Брнс станало збор и за определбата да продолжи економската соработка меѓу двете земји со посебен акцент на поттикнување на проекти и инвестиции кои ќе овозможат трајна и одржлива енергетска независност на Северна Македонија.
Од Владата соопштија дека на средбата било истакнато дека за Вашингтон Северна Македонија и регионот остануваат важен геостратешки интерес и во таа насока „од клучна важност за САД е деблокирање на евроинтеграцискиот процес за земјата и одржување на првата меѓувладина конференција со Брисел и отворањето на првите поглавја во процесот за членство во ЕУ“.
Ковачевски ќе има многу работа ако успее да го одржи мнозинството
„Амбасадорката Кејт Мари Брнз потенцираше дека за САД односите меѓу двете земји како најблиски соседи и сојузници во НАТО е од исклучителна важност и дека од посебно значење е брзото решавање на клучните прашања кои ќе го овозможат континуитетот на процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ“, се наведува во соопштението од владината прес служба.
Меѓудругото, премиерот Ковачевски на работната средба со амбасадорката Брнз нагласил дека најавената официјална посета на премиерот на Република Бугарија Кирил Петков и на членовите на неговата Влада за 18 јануари, е добра порака која најавува сериозен исчекор за отворените прашања меѓу двете земји и за изнаоѓање решенија прифатливи за двете страни.
