Курти потврди дека оди во Брисел на средбата што ја свика Борел
„Утре патувам од Рим за Брисел, го потврдувам моето учество во дијалогот на високо ниво“, напиша Курти на својот Твитер профил.
Тој рече дека ќе инсистира на итно и безусловно ослободување на тројцата [косовски] полицајци, за кои Косово тврди дека биле „киднапирани“ од српските сили.
Србија, пак, наведува дека ги уапсила косовските полицајци бидејќи влегле на нејзина територија.
Претходно, на 21 јуни, портпаролот на Европската унија, Петер Стано, изјави дека очекува Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ позитивно да одговорат на поканата за средба.
Извори на Радио Слободна Европа наведуваат дека Курти и Вучиќ нема директно да се сретнат.
Вучиќ претходно изјави дека допрва треба да одлучи дали „технички“ ќе се појави на состанокот, истакнувајќи дека нема да разговара со Курти.
На северот на Косово, од крајот на мај, се зголемија тензиите. Локалното српско население се противи на доаѓањето на градоначалниците Албанци. Србите ги бојкотираа априлските локални избори и сега не ги прифаќаат резултатите.
Ситуацијата дополнително се заостри поради апсењето на косовските полицајци.
Меѓународната заедница повика на итно смирување на тензиите, односно Косово да распише нови избори и да ги повлече полициските сили од општинските згради, а Србија да обезбеди учество на Србите на изборите.
