Божиновска тврди дека побарала бугарски пасош поради економски потреби
Ова го напиша министерката за енергетика Сања Божиновска како одговор на тврдењата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова која денеска изјавила дека лично ги прегледала документите од апликацијата за стекнување бугарско државјанство на министерката за енергетика Сања Божиновска за да се увери дали таа навела оти има бугарска самосвест, пренесе БТА.
„Ако госпоѓата Јотова мисли дека измамата со внесени документи од бугарската држава, ќе го смени моето чувство дека сум Македонка, па и чувството на многу мои сограѓани, тогаш или не разбира дека политиката на подметнување им е пропадната или не разбира дека ние сме имале економска потреба, а таа и политичарите како неа, сме ги оставиле да фантазираат како да се наоѓаат во деветнаесеттиот век, напиша министерката.
Инаку како што пренесуваат бугарските медиуми Јотова изјавила:
„Јас лично ги видов нејзините документи и декларација, лично потпишана од неа, во која таа наведува дека има бугарско самосвест и потекло, истакнала Јотова во Ќустендил за време на тркалезната маса под наслов „Бугарите на Балканот надвор од границата по 1878 година. Кодекс на опстанокот“, рекла Јотова.
На ова македонската министерка во објавата пишува дека Јотова живее во фантазии од деветнаесеттиот век.
„Ниту еден граѓанин на Македонија нема потпишано изјава дека се чувствува за Бугарин, туку тоа го прават бугарски адвокати кои наплаќаат пари за да посредуваат“, наведува министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во реакцијата објавена на нејзиниот Фејсбук профил по претходната изјава на бугарската потпретседателка Илијана Јотова дека лично ги видела нејзините документи од апликацијата за стекнување бугарско државјанство.
Инаку на последната прес конференција кога Божиновска беше запрашана дали се уште има бугарска самосвест со оглед на тоа што секој што земал бугарски пасош мора да се декларира како Бугарин, таа одговори дека мора да се консултира со адвокати.
Госпоѓата Јотова, како што посочува во објавата Божиновска, наместо со ситни полициски подметнувања добро е да почне да се занимава со потребата на Македонците во Бугарија, конечно да бидат признаени како малцинство и да им се овозможат основните човекови права.