Отпад и депонии - темпирана бомба во земјите од Балканот
„Не знам како да кажам: живееме овде затоа што мораме да живееме овде. Го чувствувате и вие овој мирис“, изјави 72-годишниот Милиќ за косовскиот сервис на РСЕ.
Скромниот дом на Милиќ се наоѓа во Палај, населба во близина на Обилиќ, град во централно Косово, област на малата балканска нација која веќе се бори со загадувањето од енергетските централи на јаглен.
Во последниве години, блиската депонија Мираш, на околу 500 метри од домот на Милиќ, стана не само зголемена грижа за жителите, туку и за властите, па дури и за ЕУ, која ја повика Приштина да ја исчисти локацијата и да ја затвори, со тоа што Брисел дури сугерираше дека може да финансира алтернативно решение.
Преполните депонии се вообичаени низ целиот Балкан. Косово, Албанија и Црна Гора неодамна беа рангирани од лондонскиот Лојдс регистар како едни од 10-те најлоши земји во светот во постапувањето со отпад и справување со загадувањето.
Во Албанија, на пример, плажите на јадранскиот брег се расфрлани со ѓубре бидејќи плановите за изградба на печки за согорување се одложуваат поради широко распространетата корупција. Во Црна Гора, иако екологијата е запишана и во Уставот на земјата, постигнат е мал напредок.
Случајот на Косово
Создадена во 2006 година, депонијата Мираш собира ѓубре од најмалку шест косовски градови, со вкупно околу 160.000 метрички тони годишно. Сместена во поранешна јагленова јама, депонијата се наоѓа пониско од блиското езеро, што ја прави подложна на поплави.
„Проблемот со канализацијата на оваа депонија долги години е надвор од контрола бидејќи собирниот пункт е поплавен“, вели Дардан Велија, раководител на Јавното претпријатие за управување со депонија отпад (КМДК).
Во својот последен извештај во 2022 година, КМДК рече дека локацијата претставува „траен ризик за животната средина, закана за државниот имот, но најголемата опасност е потенцијалниот ризик за здравјето на луѓето и загубата на животи во таа средина“.
Европската Унија постојано го повикува Косово да ја затвори и исчисти локацијата поради бројните предупредувања на КМДК дека депонијата може да ги загади подземните води во околните села. И покрај тоа, ниту КМДК, ниту косовската влада не претставија планови за затворање на локацијата.
„Се додека нема нов капацитет (депонија), практично е невозможно да се затвори“, додаде Велија.
Не само Приштина, туку и Брисел и другите европски партнери се загрижени. Германската банка за развој изјави за РСЕ дека истражуваат алтернативни депонии за „да го намалат товарот на Мираш“.
Повеќето од седумте други јавни косовски - т.е. легални депонии треба да се затворат или барем да се прошират, бидејќи се преплавени.
„Проблемот се дополнува со фактот што малку отпад се рециклира“, смета Тахир Красниќи, истражувач од Центарот за еколошко образование и развој со седиште во Косово.
И додека собирањето отпад е подобрено во последниве години, речиси 400 нелегални локации за отпад го загрозуваат Косово.
Извештајот од септември 2024 година, од фондацијата Лојдс Регистер, го рангираше Косово како трето најлошо во светот за селекција на отпадот од домаќинствата.
„Можеби да не фрламе пластични кеси во депонија и најлон, ќе беше поинаку да живееме овде, немаше да смрди толку многу“, рече Милиќ мислејќи на запалената пластична миризба што понекогаш се шири од Мираш.
Добри намери во Албанија
Соседна Албанија - една од најбрзо растечките туристички дестинации во Европа се надеваше дека ќе изгради печки за согорување не само што ќе го согоруваат ѓубрето, туку и ќе произведуваат енергија.
Во 2016 година, Тирана ги претстави плановите за изградба на три печки за согорување ѓубре - во близина на Елбасан, Фиер и главниот град Тирана, но проектот набрзо стана познат како коруптивен, што доведе до затворска казна за поранешниот министер за животна средина Лефтер Кока. Случаите поврзани со корупција сè уште се во судовите.
Во моментов, работи само еден инсинератор во Елбасан, на околу 50 километри југозападно од Тирана, иако не е јасно колкав отпад се согорува таму, а камоли колку енергија се создава. На другите две локации, депониите функционираат како места за собирање ѓубре, нешто за што локалните жители, вклучително и многу земјоделци, не се задоволни.
„Загадувањето многу влијае на посевите. Воздухот е загаден, а исто така и водата за наводнување“, вели Ледион Бузи, земјоделец од село во близина на Фиер, едно од местата каде што се планирани други две депонии.
Земјоделците таму се загрижени дека почвата и водата полека се трујат од депонијата што се шири.
Многу од водните патишта во Албанија се погодени од отпадот. На неколку километри од Кејп Родон и неговите одморалишта на плажа, реката Ишем исфрла огромни количини отпад, вклучувајќи пластика, метали, па дури и медицински отпад во Јадранското Море.
„Секој ден има се повеќе отпад“, се жали Назми Канамети, рибар, чии мрежи често се оштетуваат од остатоци.
Реката Ишем се смета за една од највалканите во Европа, која секоја година исфрла околу 700 килограми пластика само во Јадранското Море.
Таа страшна состојба го инспирираше Лулзим Бауман, еколошки активист, да отвори локален центар за рециклирање за да ја исчисти реката Ишем од пластичниот отпад.
„Тоа е само дел од мојата поголема визија да ја исчистам целата река Ишем“, објасни Бауман.
Отпадот во Црна Гора во пламен
Додека Црна Гора се прогласи за еколошка држава уште во 1990 година (стана независна во 2006 година), балканската држава се бореше со тој статус, особено во однос на управувањето со отпадот, вклучително и депониите.
Една од најозлогласените депонии, во близина на градот Рожаје, со децении е темпирана бомба за отпадоци. Локалните жители се сомневаат дека тоа е причината за високата стапка на рак на белите дробови. Локалните лекари се согласуваат, но ниту еден податок не потврдува каква било врска меѓу последиците од загадувањето и зголемената смртност.
„Татко ми почина од рак на белите дробови, како и тројца мои чичковци. Сите починаа релативно млади, до 60-годишна возраст“, рече Денис Муриќ, локален активист и додава:
„Но, има една интересна работа - сите тие страдаа од рак на белите дробови. Тие претходно немаа генетска историја на малигни болести“.
Локалниот лекар, Адем Муриќ, исто така е убеден дека зголемената стапка на рак е поврзана со депонијата.
„Работев во Рожаје од 2019 до 2023 година и имаше јасен пораст на случаите на рак, особено кај помладата и средовечната популација. Десетици луѓе од околните села починаа од рак на белите дробови“, рече Муриќ.
Со децении, отпадот кој опфаќаше до 6500 метрички тони годишно завршуваше на депонијата Мостина. Во 2012 година, локалните власти најавија дека планираат да ја затворат, но повеќе од една деценија подоцна депонијата сè уште работи. Активистите велат дека сега таму завршува отпад од секаков вид, вклучително и гуми, кои често се палат, што претставува дополнителен еколошки ризик.
Владата најави нова регионална депонија што ќе биде изградена до 2025 година, бидејќи Подгорица се грижи дека нерешавањето на оваа еколошка криза може да ја искомплицира европската иднина на земјата.
„Ако не го решиме ова прашање, Мостина и многу други депонии за жал, има околу 340 од нив во Црна Гора, вклучувајќи ги и нелегалните - сето тоа може да стане пречка за влезот на Црна Гора во Европската Унија“, вели Дамјан Цулафиќ, министер за животна средина во Црна Гора.
По притисокот на јавноста и протестите, властите го зголемија мониторингот на Мостина, а палењето на отпадот на локацијата беше главно прекинато во септември.
Но, локалните жители продолжуваат да притискаат за поголема акција и Муриќ поднесе тужба за лошо управување со депонијата од страна на службениците.
„Кога чадот од депонијата ќе стигне до нас, целосно го исполнува ова место, а ние не можеме да се видиме поради чадот“, се жали Денис.
Со оглед на тоа што земјите од ЕУ се надеваат дека ќе ја достигнат стапката на рециклирање од најмалку 50 проценти до 2030 година, Косово, Албанија и Црна Гора имаат уште многу работа за да го достигнат очекуваното ниво.