Мицкоски: Фирмите ќе добиваат кредити од унгарскиот заем со камата од 1,95 отсто
„Ценам дека е ова историски договор со историска најниска каматна стапка“, рече Мицкоски кој присуствуваше на пуштање во употреба на новата спортска сала во ООУ „Наум Охридски“ во скопското село Булачани.
Тој додаде дека од неколку банките веќе имаме потврда и дека очекува најголем дел од нив да застанат зад проектот, за 250-те милиони евра од унгарскиот заем да бидат поделени на македонското стопанство.
Тој додаде дека за компаниите да добијат кредит ќе треба да имаат минимум 20 отсто сопствено учество, а максималниот износ кој можат да го добијат е ограничен на 10 милиони евра.
„Тоа значи дека ќе имаме инвестициски бран од 300 милиони евра. Сите компании ќе имаат можност да ги вложат овие средства во основни средства за работа, во обновливи извори на енергија, како и во објекти кои ќе ги користат како свои административни згради, односно за сопствена потреба“, рече Мицкоски.
Кредитите за компаниите се дел од 500 милиони евра заем кој Северна Македонија го доби од Унгарија.
Половина од парите се за инфраструктурни проекти на општините, а половина ќе одат како кредити за фирми.
250 милиони евра за компаниите ќе одат преку Македонската инвестициска банка и ќе се пренесат во комерцијалните банки каде што фирмите ќе аплицираат за кредити.
Македонскиот премиер Мицкоски и неговиот унгарски колега, Виктор Орбан, го договорија кредитот на маргините на НАТО самитот во Вашингтон, во јули годинава.