Приватните превозници најавија блокади, Славески расчистување со булдожери
Тие рекоа дека ако за време на викендот не бидат прифатени нивните барања на вонредна седница на Советот на Град Скопје, в понеделни наутро ќе ги постават автобусите на крстосницата во Автокоманда, кај Народна банка и на мостот кај во Нерези.
„Не сакаме да блокираме, не сакаме луѓето да трпат, меѓутоа приморани сме. Сакаме да работиме, но за 20 илјади денари нека дојдат советниците нека возат, ќе им ги дадеме автобусите. Во 2015 година е направена оваа цена за која сме платени“, рекоа приватните превозници.
Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска рече дека веќе дала позитивно мислење за иницијативата на приватните превозници.
Во писмено соопштение Арсовска наведе дека го охрабрува пртседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славевски, да ја стави точката на приватните превозници на дневен ред.
„И заедно со останатите советници да ја разгледаат и да донесат одлука дали ќе ја поддржат и ќе прифатат зголемена цена за превоз на приватните превозници или не“, вели Арсовска.
Славески пак рече дека Арсовска манипулира и дека прво се потребни анализи од стручните служби, но и рече дека доколу во кризна состојба дојде до блокирање на улиците „се носат булдожери и се расчистува улицата.“
„Како може некој да блокира улица во кризна состојба. Владата која прогласила кризна состојба е должна да ги искористи сите инструменти за непречано одвивање на сообраќајот“, рече Славески.
Во меѓувреме, вечерва на 28 ноември се одржа средба меѓу приватните превозници и советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, на која се дискутирало за предлози за решавање на проблемот.
Проблемите со јавниот сообраќај во Скопје продолжуваат откако изминатиов период не сообраќаа автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП.
Проблемите беа поради недостиг на гориво, со што неколку дена автобусите на ЈСП беа паркирани.
По колапсот со јавниот превоз, Владата на вонредна седница донесе одлука со која прогласи кризна состојба со топлинска енергија, за да може да му позајми гориво на ЈСП од државните нафтени резерви.
Проблеми во ЈСП има подолго време. Вработени протестираа поради неисплатени плати, автобуси на улиците има помалку од потребните за да ги опслужат граѓаните на Скопје, кои се жалат дека автобусите доцнат, дека често се расипуваат и дека условите за возење се лоши поради гужвите што се прават во нив.