Мицотакис: Не е во интерес на Северна Македонија да создава проблеми со најголемиот сосед
Мицотакис вели дека на Балканот, „за жал, сè уште постојат сили кои сметаат дека ќе имаат политичка корист ако ги разбудат старите духови на балканскиот национализам“, додавајќи дека ова „во голема мера се случи со актуелната Влада на Северна Македонија, и во предизборниот период, но до одреден степен и по изборите“.
Ги повтори позициите за Договорот од Преспа што ги имаше пред Нова демократија да дојде на власт и уште еднаш посочи дека „името на државата е Северна Македонија, тоа не се оспорува, без разлика дали се претставува во странство или името се користи за внатрешна употреба“.
„Северна Македонија не може да избега од ова предвидување. Гледам во последните два месеци дека Владата до одреден степен го сфати тоа. Она што го очекувам, не само јас, бидејќи прашањето не е билатерално, се однесува и на Европа, до одреден степен се однесува и на НАТО, е многу јасна изјава на државниот и политичкиот врв дека почитувањето на Договорот од Преспа е целосно и дека името на земјата е Северна Македонија, без разлика дали го користат вон земјата или во внатрешноста на земјата. Верувам дека се движиме во вистинската насока“, рече Мицотакис.
На прашањето дали треба Грција „поинтензивно да ги информира сојузниците за ставот на Северна Македонија“, Мицотакис кусо одговори дека веќе го сториле тоа.
Интервјуто за телевизијата „Антена“ беше од Солун по повод отворањето на метрото, а Мицотакис говореше за сите теми поврзани како со надворешната, така и со внатрешната политика.