Вучиќ: Српската опозиција го следи патот на шарената револуција во Северна Македонија
„Мислите дека е генијално тоа што ги обоивте бехатон плочите со црвена боја, кои нема да можат целосно да се исчистат? Дали мислите дека тоа беше нивна идеја? Најдете ги снимките од 2016 година, потполно истото сценарио во Северна Македонија. Потполно на ист начин го бојадисаа главниот плоштад во Скопје. Газдата и спонзорот секогаш беа исти, а жртви беа народите врз кои се правеа шарени револуции. Тоа нема да се случи во Србија, бидете сигурни“, им рече тој на новинарите на конференцијата „Србија-Африка 2024: Достоинство“ во Белград.
Зборувајќи за учеството на студентите во блокадите, Вучиќ рече дека кога тој бил млад повеќе сакал да учи отколку да оди на демонстрации, наведувајќи дека трудот му се исплател, дека успешно завршил факултет и направил нешто во својата земја.
По несреќата во Нови Сад кадешто се урна настрешницата на железничката станица кога загинаа 15 луѓе, а двајца се тешко повредени, следуваше бран протести и блокади во Србија, а властите одговорија со апсење на учесниците.
Инциденти и тепачки имаше и во институции каде опозицијата бараше одговорност од власта за несреќата.
Тринаесет лица се уапсени под сомнение дека се одговорни за падот на покривот на зградата на Железничката станица во Нови Сад.
Уапсениот министер за градежништво и транспорт, Горан Весиќ, кој по несреќата поднесе оставка, но и негираше одговорност, по неколку дена е пуштен од притвор.