Руте: Ситуацијата во Грузија е загрижувачка
„Извештаите за насилство се длабоко загрижувачки и јас недвосмислено ги осудувам“, рече Руте на прес-конференција.
Тој додаде дека сојузниците во НАТО „ја повикуваат грузиската влада да остане на патот“ кон „поголема интеграција во ЕУ и НАТО“.
Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили синоќа (2 декември) изјави дека целата земја е во „бунт“ откако полицијата четврта ноќ по ред ги тепаше и насилно ги растера демонстрантите во главниот град Тбилиси кои протестираа против плановите на владата да ги прекине преговорите за пристап во ЕУ до 2028 година.
Полицијата употреби водени топови и солзавец за да ги смири протестите во близина на зградата на парламентот, при што во раните утрински часови во понеделникот апсеше и демонстранти.
Досега, според извештаите, се уапсени најмалку 200 лица.
Грузија влезе во политичка криза по парламентарните избори во октомври, на кои владејачката партија Грузиски сон освои 54 отсто од гласовите, додека опозицијата и западните влади тврдат дека изборите биле нарушени со нерегуларности и руско влијание.
Минатата недела новоизбраниот парламент распиша индиректни избори за избор на нов претседател на 14 декември. Мнозинството Грузијци го поддржуваат членството во Европската Унија, а напорите за влез во Унијата се составен дел и од Уставот на оваа земја.
Соединетите Држави во јули објавија дека ќе ја прекинат помошта од над 95 милиони долари за грузиската влада, предупредувајќи дека земјата е во демократски пад. На 28 ноември, Европскиот парламент усвои резолуција со која повика на нови парламентарни избори во Грузија и санкции против високи членови на партијата Грузиски сон.