САД се загрижени за предложениот закон за странски агенти во Србија
„Ваквиот закон може да го стесни просторот за дејствување на граѓанското општество, да ги стигматизира граѓанските организации кои работат на подобрување на животот на српските граѓани и да ја попречи работата на независните медиуми кои обезбедуваат точни информации за јавноста“, се вели во одговорот од оваа институција.
Се додава дека овие елементи се клучни за сите демократски институции и демократски системи.
Инаку, пратениците на Социјалистичкото движење, чиј основач е прорускиот вицепремиер на Србија Александар Вулин, до парламентот поднесоа предлог-закон за посебен регистар на агенти на странско влијание.
Според тој предлог, за „агенти“ се сметаат сите здруженија и непрофитни организации кои најмногу се финансираат или на друг начин се помагаат од странство. Социјалистичкото движење е помал коалициски партнер на владејачката Српска напредна партија и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Европската комисија за РСЕ изјави дека секој предлог закон треба да биде во согласност со европските стандарди.
„Потсетуваме дека секој закон на земја кандидат за членство во ЕУ мора да биде во согласност со основните демократски вредности на ЕУ, вклучително и слободата на говорот и изразувањето“, се вели во одговорот.
Пред да стане членка на ЕУ, земјата кандидат мора да ги усогласи своите закони, политики, институции и практики со стандардите и барањата на ЕУ.
Србија, заедно со Црна Гора, се смета за лидер во процесот на пристапување во ЕУ.
Закон за „странски агенти“ постои во Русија и, според критичарите, служи за задушување на критиките на владата и ограничување на работата на активистите за човекови права и независните медиуми.