Амнести интернешнaл го обвини Израел за геноцид врз Палестинците во Газа
Организацијата за човекови права, во извештај од 300 страници, наведе дека за време на израелската офанзива, армијата намерно им донела страдање и уништување на луѓето што живеат во Газа.
„Нашите наоди мора да послужат како повик за будење до меѓународната заедница: ова е геноцид. Мора веднаш да престане“, рече во изјавата генералната секретарка на Амнести Интернешнл, Ањес Каламар.
Израел постојано ги отфрла ваквите обвинувања, нарекувајќи ги своите дејствија одбранбени и повикувајќи се на своето право на самоодбрана.
Групата за човекови права објави извештај за Блискиот Исток во кој се вели дека таквите акции не може да се оправдаат со нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, кој ја предизвика војната, или присуството на вооружени борци во цивилните области.
Амнести нагласува дека Израел има за цел да ги уништи Палестинците.
Државите кои продолжуваат да му доставуваат оружје на Израел ризикуваат да станат соучесници, се предупредува во извештајот.
„Државите кои продолжуваат да му доставуваат оружје на Израел во овој момент мора да знаат дека ја прекршуваат својата обврска да го спречат геноцидот и дека се во опасност да станат соучесници во геноцидот“, предупреди Каламар.
„Сите земји со влијание врз Израел, особено клучните добавувачи на оружје, како што се САД и Германија, но и другите земји-членки на Европската Унија, Велика Британија и други, мора веднаш да дејствуваат за веднаш да ги прекинат злосторствата на Израел против Палестинците во Газа.
Организацијата повикува на итен прекин на, како што вели, геноцидот, воспоставување прекин на огнот и ослободување на сите заложници.