Бубевски: Со конфискација да се покаже дека криминалот е неисплатлив
Како што соопштуваат од Јавното обвинителство, фокусот на предавањето бил на организациската поставеност на Обвинителството и улогата на јавните обвинители во борбата против корупцијата.
„Затворската казна не е доволна. Таа може да влее страв кај сторителите на кривични дела, но преку конфискацијата и одземањето на незаконскиот имот ние мора да им покажеме дека криминалот е неисплатлив“, рече Бубевски пред студентите.
Предавањето е дел од активностите за одбележување на 9 декември – Меѓународниот ден за борба против корупцијата.
По овој повод, претседателот на Здружението на јавните обвинители, Елвин Вели, зборувал на панел-дискусија за клучните активности и предизвици за градење на систем отпорен на корупцијата.
Тој истакнал дека борбата против корупцијата не може да биде одговорност на една институција или на еден поединец, како и дека „се јакнат капацитетите на истражните центри и тоа најмногу благодарение на донации од меѓународните партнери, кои ја препознаваат важноста на борбата против корупцијата и се зголемува бројот на финансиски истраги“.
Северна Македонија е рангирана на 76. место од 180 држави во светот, според Индексот на перцепција на корупцијата за 2023 година, објавен од меѓународната организација Транспаренси Интернешнл на почетокот на 2024.
Земјава има освоено 42 бода на скалата во која нула значи дека една држава е многу корумпирана, а 100 – некорумпирана, односно држава чиста од корупција.
Во споредба со извештајот за 2022 година, Северна Македонија бележи скок од девет места – тогаш беше рангирана на 85. позиција, но ако се гледаат освоените поени, има само два плус во споредба со една година претходно.
Тоа што има 42 поени значи дека во земјава останува високото ниво на корупција.