ЕУ ќе разгледа „мерки“ против задушувањето на протестите во Грузија
„Постојаното демократско назадување и неодамнешните репресивни средства што ги користеа грузиските власти имаат последици за нашите билатерални односи. ЕУ ќе разгледа дополнителни мерки“, се вели во соопштението.
Грузиската полиција употреби солзавец и водени топови против главно мирните демонстранти кои се собираа во Грузија во изминатите 12 дена поради одлуката на владата да ги прекине напорите за пристапување во ЕУ.
Прозападната опозиција во земјата и претседателот ја отфрлија победата на владејачката партија Грузиски сон на парламентарните избори на 26 октомври поради наводна изборна измама. Во меѓувреме десетици илјади демонстранти излегоа на улиците по одлуката на грузискиот премиер да се прекинат преговорите со ЕУ.
„Над 400 лица се приведени, а повеќе од 300, наводно, претрпеле насилство и малтретирање, а на многумина им е потребна итна медицинска помош“, соопшти ЕУ.
Во него се додава дека постои „веродостојна загриженост за тортура и нечовечко постапување“ и се бара да се истражат наводите за „широки прекршувања на човековите права“.
„ЕУ изразува жалење за овие репресивни дејствија против демонстрантите, претставниците на медиумите и лидерите на опозицијата и повикува на итно ослободување на сите приведени лица“, се вели во извештајот.
Министрите за надворешни работи на ЕУ за оваа тема ќе дебатираат на нивната редовна средба во понеделник во Брисел. Но, постои можност 27-те земји-членки да не донесат едногласна одлука затоа таргетирање со санкции на грузиските водачи со оглед на силната поддршка на Унгарија за властите.
Унгарскиот националистички лидер Виктор Орбан, кој е жесток поддржувач на владата на Грузија, го осуди предлогот на Брисел за санкционирање на грузискиот министер за внатрешни работи и двајца високи полициски функционери како „целосно бесмислен“, „безобразен“ и „неоправдан“.
„Ако се направи таков предлог, ние, се разбира, ќе ставиме вето, во тоа секој може да биде сигурен“, рече министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, по разговорите со неговиот грузиски колега Мака Бочоришвили во Будимпешта.
Европските пратеници повикаа на санкции против клучните фигури на „Грузискиот сон“, вклучително и милијардерот поранешен премиер Бидзина Иванишвили, за кој нашироко се верува дека ги влече конците на моќта.
Претходно, ЕУ соопшти дека кандидатурата на Грузија за членство во блокот „де факто“ е замрзната откако владата ги протурка законите во стилот на Кремљ насочени кон невладините организации.