Муцунски го обвини Фрчковски за злоупотреба на буџетот
Ова денеска го истакна министрот Тимчо Муцунски, кој меѓу другото рече дека индициите укажуваат дека штетата е шест цифри во евра.
„Не би можел конкретно да кажам колкава е во моментов, давам одредени информации кои смеам да ги споделам во оваа фаза, зашто тече процедурата. Спроведена е внатрешна постапка во МНР, информациите кои стигнаа до мене се навистина многу загрижувачки. Ние ќе ги преземеме сите неопходни мерки, а понатаму ќе имаме обврска, да ги информираме релевантни институции од правосудството, но што ќе преземат тие излегува од наша надлежност и преминува во нивна надлежност, рече денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Љубомир Фрчкоски писмено поднесе оставка до претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова во август 2024 година. Тој кој по две години вршење на функцијата амбасор во ОН, на почетокот на јули бил повикан на консултации од страна министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, поради наводи за финансиски нерегуларности во работењето.
Тогаш до јавноста објави сметки за уплата на средства од сукцесијата на објектот во буџетот на државата, но и обвини дека вработените во Мисијата во ОН била оставени без средства за здравствено осигурување од страна на МНР, тврдејќи дека неговото повикување на консултации е всушност поради тоа што не е „погоден“ на идеологијата на новите власти.
Одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата во МНР, Муцунски денес напомена дека вакви ситауции не смеат да се повторуваат и најави максимално почитување на Законот за надворешни работи.
Што се однесува до најавата на кое било лице дека ќе поднесе тужба против МНР или некој друг, тоа е, истакна Муцунски, негово право.
„Јас тука ништо не можам да спорам, но сум убеден дека откако МНР е раководено од моја страна внимаваме секогаш максимално да се почитуваат законите и процедурите, што, за жал, морам да констатирам, не било пракса додека ова Министерство било раководено од мојот претходник. Најеклатантен пример е последното отповикување на генералниот конзул во Њу Џерси каде лицето било именувано на таа позиција спротивно од одредбите на Законот. Таква пракса не смееме да дозволиме, треба да бидеме репер за почитување на законите, рече министерот.
Муцунски подвлече дека некои дипломати редовно се отповикуваат, зашто им е истечен мандатот, но има и други случаи, како оние со Фрчковски, Андреј Жерновски и Весел Мемеди.
Тој најави дека во најскор можен период ќе бидат пополнети сите клучни амбасадорски позиции, а во 2025 година, целта е да бидат пополнети и сите ДКП-а.