Агелер: Не можам да ги коментирам внатрешните истраги во оваа земја
„Не можам. Јас не сум дел од ниту еден од внатрешните истражни процеси во оваа земја“, рече Агелер по посетата на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово на 17 декември, каде одржа предавање пред студентите.
Агелер го кажа ова во одговор на новинарско прашање дали може да ја коментира истрагата што започна по ставањето на Артан Груби, поранешен вицепремиер од Демократската унија за интеграција(ДУИ) и апелацискиот судија Енвер Беџети на американската „црна листа“.
На 9 декември Стејт департментот јавно ги назначи Артан Груби и Енвер Беџети за нивна вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков. Два дена подоцна Обвинителството отвори предмет за двајцата поради обвинувањата за трговија со влијание и значителна корупција.
Агелер не ги коментираше истрагите, но во претходно интервју за Слободен печат кажа дека е задоволна од назначувањето на Груби на црната листа на САД.
На новинарското прашање дали САД ќе помогнат за прашањето помеѓу Северна Македонија и Бугарија, Агелер го повтори веќе искажаниот став.
„Ние не сме дел од ЕУ. И затоа ние не сме дел од многу од тие дискусии. Но, ќе го кажам она што го кажавме претходно во Вашингтон и овде во Скопје, а исто така и мојот пријател во Софија, нашиот амбасадор Мартин таму, многу би сакале да ја видиме Северна Македонија во Европската Унија и се надеваме дека нивните дискусии ќе бидат успешни и плодни. Затоа што просперитетната, успешната, сигурната иднина на оваа земја е во рамките на Европската Унија. Таа е во срцето на Европа. И затоа таму припаѓа“, изјави амбасадорката на САД.