Долниот дом на рускиот парламент усвои предлог-закон за блокирање на приходите на „странските агенти“
Државната дума го одобри во второто и третото читање на предлог-законот насочен против „странски агенти“, контроверзна ознака која ги стигматизира оние кои руските власти така ги прогласиле и ја ограничува нивната можност да ја користат слободата на говорот, објави рускиот сервис на Радио Слободна Европа.
Нацрт-законот го ограничува пристапот на таканаречените „странски агенти“ до различни форми на приход со потекло од Русија, вклучително и приходите од продажба на средства, авторски права за креативна работа или профит од инвестиции, со тоа што бара сите тие приходи да бидат ставени на посебни блокирани банкарски сметки.
Тие средства би станале достапни за некого само ако официјално му се одземе статусот на „странски агент“, што критичарите велат дека е речиси невозможно.
Групите за човекови права и меѓународните набљудувачи го критикуваа предложениот закон како уште еден потег за зајакнување на авторитаризмот во Русија.
Претседателот на Државната дума, Вјачеслав Володин, го оправда предлог-законот како одбрана на националните интереси.
„Оние кои ја изневеруваат нашата земја нема да се збогатат на сметка на нејзините граѓани. Средствата заработени во Русија не смеат да се користат против неа“, напиша Володин на Телеграм.
Терминот „странски агент“, првпат воведен во 2012 година, се применува за невладини организации, независни новинари, опозициски политичари, активисти и личности од светот на културата. Законот беше изменет неколку пати додека репресијата во Русија се интензивираше.
Бројот на таканаречените „странски агенти“ порасна на околу 500 лица, од кои повеќето мораа да ја напуштат Русија и престојуваат во странство.
Последниот предлог претставува нова фаза во кампањата на Кремљ да ги замолчи своите противници.
Хонорарите и заработката од интелектуална сопственост станаа клучни за музичарите, авторите и уметниците означени од владата како „странски агенти“. Критичарите велат дека новите мерки економски ќе се одразат врз луѓето чија работа или јавни изјави го оспоруваат наративот на владата.