Ковачевски: Секогаш работев во согласност со законите
„Се надевам дека институциите целиот тој процес ќе го водат на непристрасен и на професионален начин така како што треба. Она што можам да го кажам е дека во текот на моето работење и како претседател на Владата и како заменик-министер за финансии сум се водел секогаш од законите, секогаш сум работел во согласност со нив. Ние немаме на ниту еден начин учествувано во работењето на кое било јавно претпријатие или акционерско друштво во државна сопственост“, изјави денеска Ковачевски во Собранието.
МВР вчера ги објави деталите од кривичната пријава која ја поднесе против осуммината за случајот „Лотарија“ меѓу кои е и поранешниот премиер Димитар Ковачевски и поранешниот генералниот секретар на владата Методија Димовски.
Министерството за внатрешни работи на 13 декември 2024 од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и корупција-Сектор за криминалистички истраги-Единица за корупција до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против осум лица за „злоупотреба на службената положба и овластување“,„примање поткуп“ и „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“ во случајот со Државната лотарија на Република Северна Македонија.
Јавното обвинителство на 16 декември соопшти дека е покрената истрага против шест лица осомничени за проневера во АД „Државна лотарија“, како и за злоупотреба на службената положба.
Соопштението на Обвинителството следуваше откако претходно беше објавено дека полициски службеници изутрината на 16 декември вршеле претреси во домовите на поранешниот вицепремиер Артан Груби и екс директорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами.
Груби, кој неодамна заврши на црната листа на САД, на Фејсбук напиша дека е во приватна посета на Косово.