Најитните болнички интервенции непречено ќе се реализираат во сабота
Директорката на ТОАРИЛУЦ, Марија Срцева вели дека во соработка со Службата за општи и заеднички работи при клиниките, во тек се подготвителни активности за непречено функционирање на клиниката ТОАРИЛУЦ, во однос на состојбата при прекинот на снабдувањето со вода.
„Најитните интервенции ќе се реализираат непречено. ТОАРИЛУЦ веќе направи план и организираше зголемен број медицински тимови кои ќе бидат ангажирани за време за викендов. Ги преземаме сите мерки за да продолжи континуитетот во работата, без притоа да има поголем застој во функционирањето“, појасни Срцева за МИА.
Директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, Небојша Настов утре не очекува проблеми во работата на оваа клиника.
„Не очекуваме проблеми, ќе работиме со итни пациенти како и секој викенд. Работното време кај нас е 24/7“, изјави Настов за МИА.
Според најавата, прекинот во водоснабдувањето ќе биде вечер по 22 часот, а ќе трае се до санирање на дефектот.
Без вода се очекува да бидат голем дел од скопските општини, освен Чаир, Бутел, Радишани, „Пластичарска“ до Американска амбасада, Визбегово, Бардовци, Железара, Автокоманда - висока зона, Ѓорче Петров од СП Планет, Сарај, Шутка, Топанско Поле, Новоселски Пат, населба Даме Груев, Кисела Јабука, Стопански Двор, Волково и Орман