Иранскиот лидер ги повика Сиријците да се спротивстават на бунтовничката влада
Говорејќи во обраќањето на 22 декември, Хамнеи рече дека Сиријците, особено младите во земјата, „со силна волја треба да застанат против оние што ја дизајнираа и оние кои ја спроведуваат несигурноста“.
Асад ја напушти земјата на 8 декември, откако организација Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) – прогласена од САД за терористичка, ја собори владата.
Асад доби политички азил во Русија од страна на претседателот Владимир Путин, додека ХТС почна да воспоставува привремена влада. Лидерот на ХТС, Риад ал-Асад, рече дека е уверен оти фракциите кои помогнаа да се собори Асад ќе се обединат како една сила.
Соборувањето на Асад многумина го сметаа за уште еден удар за Техеран бидејќи регионалните групи кои важат за сојузници на Иран и се дел од т.н. оска на отпорот, претрпеа големи неуспеси изминатите 14 месеци.
Хамас, прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ, беше десеткуван од Израел во војната што ја започнаа израелските сили во Појасот Газа откако оваа милитантна група во октомври изврши напад на израелска територија убивајќи над 1.200 луѓе, и земјаќи околу 250 заложници.
Тој конфликт се прошири во Либан, упориштето на Хезболах кој исто така е поддржан од Техеран. Хезболах, кој контролира голем дел од јужен Либан, се состои од милитантна група и политичка партија.
Тој е прогласен за терористичка организација од САД, додека ЕУ тоа го направи само за вооруженото крило, а не и за политичката партија.
Политичката партија на Хезболах има свои пратеници и во либанскиот парламент.
Откако групата започна напади во знак на поддршка за Хамас, Израел сериозно го ослабна и Хезболах убивајќи го нејзиниот долгогодишен лидер, како и голем дел од неговите највисоки функционери.
Договорот со посредство на САД за ставање крај на непријателствата во Либан стапи на сила минатиот месец.
Хамнеи ја минимизираше поврзаноста на Иран, велејќи дека припадниците на Хезболах се бореле против Израел врз основа на нивните верувања.
„Тие постојано велат дека Исламската република ги загубила своите прокси сили во регионот. Тоа е грешка. Ако еден ден планираме да преземеме акција, не ни се потребни прокси сили“, вели иранскиот лидер.