Советниците го изгласаа буџетот на Град Скопје за 2025 година
Буџетот изнесува 140 милиони евра.
За него беа поднесени 42 амандмани од повеќе политички партии, но по координацијата што ја имаа советничките групи со претседателот на Советот, Трајко Славески, од ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска, предлагачите сами повлекоа дел од амандманите, а други беа одбиени поради технички неправилности.
На седницата, Советот даде зелено светло и за одлуката за извршување на градскиот буџет за 2025, а беше донесен и План на програми за развој за 2025-2027 година.
Овој план, како што образложи Јулијана Тасиќ од секторот за финансии на Градот, претставува среднорочен приказ на програмите што се наменети за развој на инвестиции во следните три години.
„Планот ги содржи сите капитални проекти кои се наменети за подобрување на инфраструктурата, изградба и реконструкција на патишта и инфраструктурни објекти и сите други капитални проекти каде инвестицијата опфаќа период подолг од една година. Планот станува составен дел на буџетот на Град Скопје и сите измени што се предвидоа во буџетот ќе се рефлектираат во овој план“, вели Тасиќ.
Буџетот за 2025 година е последен што се носи во мандатот на градоначалничката Данела Арсовска и на актуелниот состав на Советот.
Следниот ќе биде предложен од нов градоначалник и ќе го гласа друг состав на Советот, со оглед дека во октомври идната година ќе се одржат локални избори.
Арсовска веќе изјави дека нема амбиции за втор мандат.
Таа стана градоначалничка откако победи на изборите во 2021 година со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа, патиштата им се разделија по помалку од една година од мандатот откако меѓусебно се обвинуваа за злоупотреби и неработење.