Уапсен газдата на „Ритрон копи“ за тендерите за телевизори во Државна лотарија
Апсењето на Ајрули е во рамки на друга истрага поврзана со работата на поранешното раководство на Државната лотарија. Станува збор за добиени тендери за набавка на телевизори за државното акционерско друштво.
На 17 декември, РСЕ објави дека пребројувањето на набавените уреди е направено по барање на Финансиската полиција, која ги истражува набавките на ТВ уреди во различни димензии од „Ритрон копи“.
Финансиската полиција ги проверуваше испораките од кумановската компанија за бројот на доставени телевизори и дали се работи за истите брендови за кои биле склучени договорите.
Пред четири месеци, истражителите проверуваа и други тендери на Државна лотарија за маркетинг и промоција поврзани со оваа компанија.
Станува збор за фирма на млад кумановец кој склучил договор за набавка на терминали за коцкање за потребите на Државна лотарија.
Минатата година, РСЕ пишуваше дека тендерот тежок околу 205.000 евра го доби компанијата „АП Солутионс“, чиј сопственик и управител Фљамур Невзатовски тој период бил вработен во „Ритрон копи“, компанијата која всушност била и единствената конкуренција на тендерот.
Тогаш 19-годишниот Невзатовски не одговори на прашањата на РСЕ кои се неговите познавања од трговија и аплицирање на тендери со оглед на неговата возраст, од каде ќе ги набави терминалите за Лотарија и дали е можеби фиктивен сопственик на „АП Солутионс“.
Јавно објавените податоци за компанијата „Ритрон копи“ на Фејсбук тогаш открија и фотографии од 2016 година на Артан Ајрули и Перпарим Бајрами, кој во тој момент нема никаква функција во Државната лотарија.
Анализата на тендерите, пак, покажа дека од јануари 2022 година, период кога Перпарим Бајрами ја презема раководната позиција како генерален директор во „Државна лотарија“, компанијата „Ритрон копи“ се појавува како победник на тендери во акционерското друштво.
Бирото за јавни набавки покажува дека Државна лотарија склучила шест договори со оваа компанија за набавка на телевизори, компјутерска и комуникациска опрема, мултифункциски уреди и графички станици за ТВ извлекување.
Договорите се склучени во период од јуни 2022 до средината на октомври 2023 година. Нивната вредност изнесуваше 365.252 евра.
По заминувањето на Перпарим Бајрами од раководната позиција, Државната лотарија ги стопираше рамковните договори и повеќе не ги користи нивните услуги.