Најмалку седум загинати при израелскиот напад врз Газа
Според Агенцијата за цивилна одбрана во Газа, воздушниот напад ги погодил горните катови на болницата Ал-Вафа во градот Газа.
Израелската војска соопшти дека извршила „прецизен напад“ насочен кон членовите на тимот за воздушна одбрана на Хамас - палестинската група означена како терористичка организација од страна на Соединетите Американски Држави и Европската Унија - кои, како што рече, дејствувале „од команден центар лоциран во зграда која порано била болницата Ал-Вафаа“.
„Оваа зграда во моментов не работи како болница“, соопшти израелската војска.
Министерството за здравство во Газа соопшти дека болницата сè уште функционира.
„Болницата Ал-Вафаа делумно работи, обезбедувајќи грижа за пациентите кои имаат телесен инвалидитет“, соопшти Министерството.
Нападот на болницата Ал-Вафаа се случи еден ден откако Израел ја заврши операцијата во болницата Камал Адван во северниот дел на Газа, напад за кој Светската здравствена организација соопшти дека ги принудил пациентите и персоналот да ја напуштат зградата.
Израелската армија го уапси и директорот на оваа болница Хосам Абу Сафије, велејќи дека е осомничен дека е член на Хамас.
Од 6 октомври, Израел ги фокусира своите воени операции на северот на Газа, велејќи дека има за цел да го спречи Хамас да се прегрупира. Меѓутоа, израелската војска изврши воздушни напади и гранатирања и во други делови на палестинската енклава.