Финансиска полиција поднесе кривична против Мирчески за четири кривични дела
Со кривичната пријава поднесена до скопското Основно јавно обвинителство опфатено е уште едно лице со иницијали Г.П. кое е сопственик и управител на фирма од Скопје. Ова лице се гони за давање поткуп.
Инфорамциите за случајот ги соопштија од Финансиската полиција откако утрово (5 декември), како што објави Радио Слободна Европа, започна претрес во домот на ексдиректорот на СОЗР.
Според официјалните информации, за делото примање поткуп Мирчески се сомничи дека од јуни 2021 до јуни 2024 година, свесно и со умисла извршил дејствија кои не смеел и потпишал пет договори за јавни набавки со фирмата на второосомничениот.
„Тој не го пријавил постоењето на судир на интереси, не се изземал од истите постапки за јавни набавки и во текот на целиот тој период, а и по престанувањето на функцијата директор, остварувал директна материјална корист за себе и за свое блиско лице од правниот субјект во сопственост и управуван од страна на второпријавениот Г.П.“, соопштија од Управата за финансиска полиција без да соопштат дополнителни детали за кои тендери станува збор.
Во овие тендерски постапки, според надлежните, тој во вкупно пет изјави за непостоење судир на интереси „внесувал лажни и невистините податоци“, ги потпишувал и овозможил да се користат како вистински. Затоа, Финансиската полиција го сомничи и за делото фалсификување службена исправа.
Останатите две кривични дела, пак, се поврзани со сомнежи за други нерегуларности во работење. Според Управата, од почетокот на 2022 до средината на 204 година, Мирчески во повеќе наврати користел лажни информации дека се работи за службени патувања и потпишувал барања за резервации на хотели, авио-билети, решенија и налози за упатување на службен пат, изнајмување автомобили (рент а кар)... Со ова, проценуваат надлежните, направена е штета на Буџетот од речиси 1,8 милиони денари (30.000 евра) и поради тоа Мирчески е пријавен за делото проневера во служба.
Четвртото дело, несовесно работење во служба, пак е поврзано со исплаќање плата на пилот кој не ги исполнувал условите за капетан-возач на воздухоплов.
„Иако знаел и бил свесен, а од 27.10.2023 година и запознаен со фактот дека лицето не ги исполнувало условите за капетан-водач на воздухоплов, овозможил на истото лице во периодот од 27.10.2023 заклучно со 14.06.2024 година од Службата за општи и заеднички работи да му биде исплаќан месечен надоместок по основ на плата во својство на капетан-водач на воздухоплов“, велат од Управата за финансиска полиција.
На лицето, според официјалните информации, во наведениот период му биле исплатени 3,4 милиони денари (56.000 евра).
Пеце Мирчески беше директор на Службата за општи и заеднички работи во периодот од јуни 2017 до јуни 2024 година. Тој имаше и партиска функција како претседавач на Централниот одбор на СДСМ.