Нова блокада во Белград на 100 дена од несреќата во Нови Сад
Денеска (9 февруари) студентите од белградскиот Земјоделски факултет повикаа на неколкучасовна блокада на мостот, кој е дел од меѓународен автопат.
„Поминаа 100 дена од трагедијата во Нови Сад, а за 15-те изгубени животи се уште никој не одговара. Инсистираме надлежните институции да понесат одговорност“, објавија студентите на Земјоделскиот факултет на својот профил на Инстаграм.
Сообраќајот е блокиран на двете коловозни ленти, а трактори се паркирани на средина на мостот. Во блокадата на Газела на студентите им се придружија голем број граѓани, а како што јавува репортерот на Радио Слободна Европа (РСЕ), тие во мали групи им се придружуваат на студентите од другата страна на мостот, носејќи транспарент на кој пишува „Од оваа страна на реката градот е наш“.
Во 11:52 часот, што го симболизира моментот на уривање на настрешницата, на мостот започна 15-минутно молчење, пред кое беа прочитани имињата на починатите.
Студентите во придружба на неколку трактори тргнаа од Земјоделскиот факултет во Земун кон мостот Газела. Трасата на учесниците на протестот од Земјоделскиот факултет до мостот Газела беше обезбедена од сообраќајна полиција.
Репортерот на РСЕ пренесе дека студентите на чело на колоната носат транспаренти со имињата на загинатите во уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.
Несреќата предизвика бран протести низ Србија.
Во изминатите два месеци протестите ги предводеа студентите кои блокираа повеќе од 60 универзитети во земјава, барајќи кривична и политичка одговорност за несреќата од страна на властите. Во блокадата им се придружија и голем број средни училишта.
Барањата на студентите ги поддржаа нивните професори, просветни работници, адвокати, земјоделци, актери и други граѓани.
Владата на чело со српскиот претседател Александар Вучиќ тврди дека барањата на студентите се исполнети.
Студентите во блокадата порачаа дека Вучиќ не е надлежен за исполнување на нивните барања, дека тие не се исполнети и дека продолжуваат со протестите.
На 30 декември, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад поднесе обвинителен акт против 13 лица, поради сомнение за невнимание при реконструкцијата на настрешницата.
Меѓу обвинетите се поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и неговата помошничка Анита Димоски, како и поранешната директорка на јавното претпријатие „Железничка инфраструктура на Србија“, Јелена Танасковиќ.
Десет обвинети се во притвор, Весиќ е во бегство, а Танасковиќ и Димоски се во домашен притвор.
На 3 февруари Вишото јавно обвинителство во Нови Сад објави дека истражува дали имало корупција при реконструкцијата на Железничката станица.