Ќе се менуваат пет закони за да профункционира „Безбеден град“
„Во наредните месец дена ќе работиме интензивно на целокупната легислатива којашто е потребно да се промени, и се надевам дека до крајот на месец март ќе имаме првична верзија на сите закони коишто треба да влезат во процедура се со цел во април да влезат во владина процедура, а се надевам до крајот на месец април да влезат и во собраниска процедура“, изјави Тошковски.
Тој посочи дека треба да се изменат Законот за безбедност на патиштата, Законот за прекршоци, Законот за возила, Кривичниот закон и Законот за извршување на санкции.
Имплементацијата на системот официјално треба да стартува од 1 јануари 2026 година.
„Неколку месеци, граѓаните преку пораки ќе бидат известувани кога ќе сторат одреден прекршок, а притоа истиот ќе биде констатиран. Ќе се уверат дека системот функцонира. А од 1.1.2026 ќе ги овозможиме потребните законски предуслови тоа да биде онака како што треба да биде“, уверува министерот.
Дел од системот „Безбеден град“ ќе бидат и возила опремени со паметни камери кои при движење на конкретни сообраќајници и улици ќе ги констатираат сите погрешно паркирани возила.
Јавни дебати за безбедноста во сообраќајот како и масовни протести на граѓаните уследија по сообраќајната несреќа во која загина 22-годишната студентка Фросина Кулакова, на 29 јануари.