Откажан „Маршот на ангелите“ во Кочани в сабота поради Задушница
Поради празникот Задушница, оваа сабота на 1 ноември, нема да се одржи „Марш на ангелите“, соопшти на Фејсбук Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“.
„Овој ден е да им запалиме свеќа, да се помолиме за нивниот вечен мир и да им оддадеме достојна почит на сите наши најмили што не се меѓу нас. Следниот марш ќе биде најавен дополнително“, се вели во соопштението на Здружението.
Родителите на починатите во пожарот во т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани изминатата сабота го одржаа 28. „Марш на ангелите“, барајќи правдата и вистината за овој случај да излезат на виделина.
Родителите остануваат на ставот дека блокадите ќе продолжат сѐ додека не почне судењето. Поради изјавите на дел од адвокатите на обвинетите дека судскиот процес може да трае и до 15 години, сметаат дека се подготвува јавноста за одолговлекување и заборавање на случајот.
Претходно, ги повикаа судиите од Кривичниот суд да се мобилизираат и што побргу да го закажат судењето за случајот и обвинетите да седнат на обвинителна клупа.
На почетокот на октомври, Кривичниот суд во целост го одобри обвинението за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. За најголемата трагедија што се случила во Северна Македонија ќе има судски процес и на обвинителна клупа ќе седнат 34 лица, а обвинети се и три фирми.
Пожарот во „Пулс“ зеде 63 жртви.
