Работниците утре на протест за повисоки плати
Сојузот на синдикати на Македонија денеска ( 27 јануари) ги повика сите оние кои не се задоволни од платата да се приклучат на утрешниот протест организиран против незголемувањето на минималната плата на 600 евра и на сите останати плати за 100 евра.
Аргументи има многу, изговори нема, 200 илјади луѓе живеат со плата под 30.000 денари, изјави денеска претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.
Утрешниот протест, како што посочи, е поради „игнорантскиот однос на Владата и на работодавачите кои не се договорија за зголемување на сите палти за 100 евра преку зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра“.
„28 јануари е денот кога работниците зборуваат. Колку гласно ќе зборуваат, зависи од вас. Утре вашето присуство на улица ќе зборува погласно од секоја дискусија што сте ја воделе во семејствата и на вашите работни места. Овој протест е за вашите плати затоа што истите не стигнуваат од 1-ви до 1-ви“, рече Трендафилов.
Од ССМ најавуваат дека следниот ден по завршување на протестот ќе излезат со информации и докази за институциите во кои се врши притисок врз работниците да не се приклучат на протестот.
Протестот почнува утре во 17 часот од пред зградата на ССМ и продолжува пред Собранието и Стопанската комора за да заврши пред Владата.
Доколку нема слух од другата страна, ССМ најавува блокади на таргетирани институции, организирање на генерален штрајк и собирање на 10.000 потписи со кои ќе се бараат законски измени за намалување на функционерските плати за 80 проценти и зголемување на сите плати преку зголемувањето на минималната плата на најмалку 600 евра.
Премиерот, Христијан Мицкоски пак, одговарајќи на новинарско прашање во врска со протестот, денеска најави дека минималната плата законски се зголемува во март. Тој додаде и дека „секојима право да протестира“.
„Во согласност со законот, минималната плата ќе биде зголемена во март, односно платите што ќе ги добијат работниците во април за март ќе бидат зголемени. Ние рековме дека ќе го поддржиме секое решение што синдикатите ќе го постигнат со работодавците во дипартитен дијалог“, истакна Мицкоски.
