Име со временска одредница кое ги задоволува двете страни
Како што се наведува во владиното соопштение, со предлогот Илинденска Македонија се прави целосно разграничување со регионот Македонија во Грција.
Илинденското востание е заедничка борба на нашиот мултиетнички народ за социјални права и слободи. И нема никакви територијални аспирации према ниту една соседна земја, вклучително и Грција. Тоа е истата борба, и во 1903 и во 1944 година, пишува во соопштението.
Република Македонија и граѓаните на Република Македонија немаат никакви територијални претензии и ги потврдуваат неменливоста на границите и почитувањето на наследството на грчкиот народ и Грција.
Од Владата соопштија дека ќе ги продолжат разговорите со Владата на Република Грција се до изнаоѓање дефинитивно решение на 25-годишниот спор.
"Никогаш не сме биле поблиску до решение, а пријателството меѓу двете земји и двата народи никогаш не било поголемо. Ќе ги вложиме сите напори да извлечеме максимум од овој позитивен историски момент за двете држави“, велат од Владата.
