Градоначалниците Срби од јужно Косово не поднесуваат оставки
„Иако нема да ги преземеме истите мерки поради различните околности во кои живееме, ние солидарно ќе се бориме за да престане дискриминацијата и кршењето на човековите права на нашиот народ поради воведувањето на таксата од 100 отсто на производите кои се увезуваат од Србија“, се вели во соопштението на Српската листа, партијата од чии редови доаѓаат градоначалниците.
Поради таксата на увозот од Србија, градоначалниците на Северна Митровица, Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ вчера поднесоа оставки, а институциите од овие општини во северно Косово објавија прекин на комуникацијата со Приштина сè до укинување на таксата.
Во меѓувреме, Србите во северно Косово излегуваат на мирни протести против таксите за српски производи. На денешниот протест во северна Митровица се приклучија и студенти и рудари од Трепча. Просторот каде што се одржува протестот е исполнет со српски знамиња и транспаренти со пароли во кои се бара, како што се наведува, укинување на дискриминаторските мерки и престанокот на кршењето на човековите и етничките права на Србите во Косово.
