Усвоен и третиот, почна расправата за четвртиот нацрт-амандман на Уставот
Претходно, Собранието со 64 гласа „за“, 14 „против“ и двајца воздржани го утврди XXXV нацрт-амандман на Уставот, во кој ќе стои „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“.
Пратениците од власта и од опозицијата во текот на дебата останаа на своите позиции за и против промена на Уставот согласно Договорот од Преспа. За опозицијата власта нема мандат за усвојување на уставните измени, за кои нема ниту консензус, а со него добива само Грција. За владејачкото мнозинство со договорот добива Македонија, се зацврстува државноста и националниот идентитет и се отвора патот за членство во ЕУ и НАТО.
