Париз го осуди иранското лансирање на сателит
Франција го осуди иранското лансирање сателит што користи балистичка технологија слична на онаа што се користи за носење нуклеарно оружје денес и го повика Техеран да ги исполни своите меѓународни „обврски“.
„Франција го осудува лансирањето, што се потпира на балистички ракетни технологии, особено за интерконтинентални ракети“, рече портпаролката на француското Министерство за надворешни работи, Анес Фон Дер Мил, во е-пошта до медиумите.
Портпаролката на француското Министерство за надворешни работи исто така посочи дека Иран претставил нова балистичка ракета, со дострел поголем од 500 километри.
„Врз основа на обврските што произлегуваат од Резолуцијата 2231 на Советот за безбедност на Обединетите Нации, Иран не може да спроведе активности поврзани со балистички ракети способни да носат нуклеарно оружје“, рече таа.
Иранската државна телевизија вчера јави дека Техеран имал неуспешен обид да го лансира иранскиот сателит Зафар во земјината орбита. Ахмад Хосеини, портпарол на вселенската програма на иранското министерство за одбрана, за државната телевизија рече дека Зафар не стигнал до орбитата, како што било планирано, бидејќи не ја постигнал потребната брзина.
Иран се подготвува да лансира сателит во вселената
Ова е трет неуспешен обид на Иран да лансира сателит откако ја почна вселенската програма во 2019 година. Соединетите Американски Држави го обвинуваат Техеран за користење на технологијата како дел од напорите да развијат балистички ракети кои може да носат нуклеарно оружје, обвинувања кои Иран ги негира.