Филипче: тројца заболени излекувани од коронавирусот
Министерот за здравство Венко Филипче денеска најави дека во текот на следната недела како донација треба да пристигнат и 500.000 маски и 20.000 тестови, реагенси за тестирање на коронавирусот. Тој прецизираше дека донацијата ќе стигне од норвешката Влада, а се чека дефинитивен одговор и од Амбасадата на Кина, од која побарале донација пред неколку недели.
Интерактивна мапа со заболени од КОВИД 19
Инаку во изминатите 24 часа се регистрирани 24 нови случаи на коронавирус во земјата. Нови случаи на заразени има во Скопје (15), Куманово (4), Дебар (2), Охрид (1), Штип (1) и Тетово (1). Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со коронавирус, денеска до 12.00 часот, изнесува 201 лица.
„Имаме пациент од Тетово кој од 9 до 23 март престојувал во Заводот за рехабилитација во Капиштец. По неговото враќање во Тетово заради зголемена температура направен е тест и тој преку тетовското инфективното одделение е препратен за хоспитализација на Инфективната клиника во Скопје. Денеска интензивно работеше тим епидемиолози, тестирани се 14 здравствени работници и четири пациенти имајќи ги предвид контактите“, рече Филипче.
Тој додаде дека тројца заболени со коронаворусот се оздравени, а повтори дека досега тројца се починати од ова заболување.
Инаку владата вчера донесе одлука со која се забранува движењето во текот на викендот (сабота и недела) од 16 часот до 5 часот следниот ден. Според Филипче, мерката која единственодава добри резултати е ограничување на социјалните контакти и избегнување на групирањето.
Трета жртва на коронавирусот, дополнителни ограничувања за викенд
Коронавирусот, или Ковид19 почна да се шири во декември минатата година во кинеската провинција Вухан. Подоцна се прошири насекаде, а Светската здравствена организација прогласи пандемија на 11 март. Се проценува дека повеќе од милијарда луѓе во светот се во самоизолација, која е главна препорака на владите за справување со ширењето. По Кина, каде што изби вирусот, Италија е втора земја погодена од него. Таа во моментов е и светско жариште.