Преписка на Рашковски и Мицкоски за враќањето на македонските државјани
Владата денеска објави телефонски пораки преку апликацијата Телеграм меѓу генералниот секретар Драги Рашковски со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Владата обвинува дека опозицијата преку Мицкоски, врши притисок врз институциите, при што, организираните активности за враќање на македонските граѓани во земјата и за нивно сместување во државни карантини ги нарекува “уништување на државата”.
„Имено, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ синоќа со директни пораки преку апликацијата Телеграм упати неосновани обвинувања и притисоци врз генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, квалификувајќи ги владините активности како “срамота”, а луѓето кои ги организираат активностите како “лопови” и во исто време клеветејќи за “добивање провизии“ за организацијата на авионскиот и автобускиот превоз“, се наведува во соопштението на Владата.
Од Владата додаваат дека летовите ги реализира Визер, а компанијата била избрана согласно критериумот наниска цена. Еден чартер лет чини 32 илјади евра, а граѓаните до објектите каде ќе бидат сместени во карантин се носат со организиран превоз, при што на јавен повик се одбрани превозниците и хотелите кои ги вршат услугите.
Мицкоски на Фејсбук реагираше дека добро е што неговата преписка со Рашковски, за како што наведува, наводно хуманитарната акција на Владата, излегла во јавноста бидејќи граѓаните и целата јавност ќе може да ја направат разликата помеѓу луѓе за кои има сведоштва, докази, изјави и сомневања дека прават криминал на грбот на народот и луѓе кои тоа им го кажуваат во очи.
„Во оваа прилика ќе кажам дека за тоа што Драги Рашковски незаконски објавил приватна преписка и што како човек од Владата не го почитува законот, не треба да стравува затоа што нема да го тужам, но за тоа дека за Владата има основани сомневања дека прави криминал со транспортот на луѓе, има нехуман третман и печали од летовите, е за тоа треба да се плашат, затоа што ќе дојде ден да одговараат за таквото воено профитерство“, пишува Мицкоски.
Доказите со кои располага, како што порачува Мицкоски, ќе ги достави до институциите веднаш откако ќе се ослободи судството и обвинителството од стегите на власта.