Заев – Изборите на 15 јули, опозицијата ќе учествува
Го заклучуваме 15 јули, како датум за избори на кој ќе учествува и опозицијата, рече на денешната прес-конференција во партиското седиште претседателот на СДСМ Зоран Заев. Тој рече дека телефонски разговарал со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, којму потврдил дека неговата партија ќе учествува на избори на 15 јули.
„Бараа средината на јули, еве им средината на јули“, рече Заев.
Тој го повика Мицкоски јавно да потврди дека ќе учествуваат на избори на 15 јули.
Заев исто така го повика претседателот Стево Пендаровски да прогласи нова вонредна состојба од 10 дена за изборите, според роковите, да бидат на 15 јули.
Овој пат изборите, наместо во недела, ќе се одржат во среда, кога ќе биде прогласена за неработен ден. На 13 и 14 јули, понеделник и вторник, ќе гласаат болни и изнемоштени, заболени од коронависус, кои се лекуваат дома или во болница, сите во самоизолација и сите хронично болни. Изборниот молк ќе почне во недела на 12 јули на полноќ.
Наместо до 19 часот, како досега, сега ќе се гласа до 21 часот.
Заев рече дека поголема криза од ова не може да издржиме со техничка влада и без парламент и оти ни се потребни функционални институции „за есента да ја дочекаме спремни за справување со последиците од коронавирусот“.