Украинскиот патнички авион бил соборен со две ирански ракети
Иранските власти соопштија дека анализата од црните кутии на соборениот украинскиот авион покажува дека бил погоден од две ракети оддалечени 25 секунди и дека патниците се уште биле живи по првиот удар.
Ова е првиот извештај на Иранската организација за цивилно воздухопловство за содржината на записите на пилотската кабина и на податоците, кои беа испратени на анализа во Франција во јули.
Истрага на црните кутии на украинскиот авион соборен во Иран
Техеран соопшти дека случајно го соборил украинскиот авион во јануари, во време на тензии со Соединетите држави. Сите 176 лица во авионот загинаа.
„Деветнаесет секунди откако првата ракета го погодила авионот, гласовите на пилотите внатре во пилотската кабина, посочија дека патниците се живи ... 25 секунди подоцна втората ракета го удрила авионот“, изјави Тура Дехгани-Зангане за државната телевизија.
Иран разговараше со Украина, Канада и други нации кои имаа нивни граѓани во соборениот авион и кои побараа темелна истрага за инцидентот.
„Анализата на податоците од црните кутии не треба да се политизира“, рече Зангане.
Авионска несреќа кај Техеран – над 170 загинати
Иранската револуционерна гарда го собори летот на „ Украина Интернешнел ерлајнс“ со ракета „земја-воздух“ на 8 јануари, веднаш по полетувањето на авионот од Техеран, а земјата подоцна призна дека се работи за „катастрофална грешка“ од страна на силите кои биле на висока готовност поради зголемените тензии со Соединетите држави.
Иранските и украинските власти одржаа разговори за обештетувањето на семејствата на жртвите. Наредниот круг на разговори е предвиден за октомври.