НАТО со нов пакет помош за Македонија од 1, 4 милиони евра
НАТО ќе достави нов пакет со помош во битката против ковид-19 вреден 1,4 милиони евра, соопшти генералниот секретар на НАТО Јанс Столтенберг денеска по средбата со македонскиот премиер Зоран Заев во Брисел. Во пакетот ќе бидат вклучени 16 респиратори и друга итно потребна медицинска опрема.
„Тоа е солидарноста на НАТО на дело“, посочи Столтенберг.
Одговарајќи на новинарско прашање зошто се уште не е одобрен македонскиот воен претставник во НАТО, кој е предложен пред десетина месеци, генералниот секретар на Алијансата истакна дека тие имаат одредени стандарди и протоколи кои при вклучување на новата земја членка мора да се спроведат.
„Мора да помине одреден ветинг процес и секогаш е потребно извесно време за сите практични нешта да бидат вклопени. Ние работиме блиску со Северна Македонија за да ги решиме сите преостанати прашања. Најважното нешто е што Северна Македонија сега е земја членка на Алијансата, учествува целосно во сите одлуки на НАТО, седи на масата како полноправна членка... За неколку недели ќе имаме состанок на министрите за одбрана и тогаш министерката Радмила Шекеринска ќе присуствува на тој состанок со сите други. Практичните прашања кои се наметнуваат ќе ги решаваме заедно“, изјави Столтеберг.
Премиерот Заев на заедничката прес конференција на новинарското прашање за трансформацијата на македонската армија по примерот на некои соседни земји кои сменија високо рангирани офицери одговори дека суштината е оти земјата помина одредени фази на сертификација за одредени категории на луѓе кои работеа со документите.
„Но, допрва следува сериозна сертификација која што треба да ја поминеме како процес кој што е процедура во членството во НАТО, секако тоа е многу важно за безбедноста прво на нашиот народ, на нашата земја, но секако е многу важно и за безбедноста на целиот регион и НАТО алијансата. Верувам дека тие процедури ќе ги поминеме сите и ќе ги спроведеме максимално професионално, затоа што соработуваме со партнерите кои што заедно со нашите служби од безбедноста работат сите детали околу подготовката, процедурите околу таканаречениот ветинг низ кој мора да поминеме сите“ изјави Заев.
Македонска делегација предводена од премиерот Заев во Брисел
Столтенберг: Најдобар одговор против лажните вести е конкретната помош од НАТО
Столтенберг во воведниот говор посочи дека оваа година НАТО и посака добредојде во алијансата на Северна Македонија и дека како членството е голем успех постигнат со посветеност на реформите.
Инаку, покрај премиерот во Брисел денеска отпатуваа и министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Ова е прва средба на македонскиот владин врв со генералниот секретар на Алијансата по изборот на новата влада.