Во Брисел се одржа нова рунда од дијалог меѓу Србија и Косово
Во зградата на Европската служба за надворешни работи во Брисел се одржа нова рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина на ниво на експерти.
Претседателот на Кабинетот за Косово на Владата на Србија и шефот на белградската делегација во дијалогот со Приштина, Петар Петковиќ, претходно се состана со специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ), Мирослав Лајчак.
„Важно е да продолжиме да разговараме затоа што има многу поголем проблем кога нема разговор“, рече Петковиќ.
„Го покренавме прашањето за формирање на Заедница на српски општини“, рече тој пред новинарите во Брисел по состанокот.
Петковиќ рече дека се разговарало и за прашањата за имотните и финансиските побарувања и дека двете страни презентирале дијаметрално спротивни ставови.
Тој додаде дека Белград побарал „да се воспостават јасни механизми за решавање на ова важно прашање, кое ги оптоварува односите меѓу двете страни“.
Петковиќ истакна дека помирувањето меѓу Србите и Албанците е услов за мир и просперитет на Западен Балкан.
„За нас, главната цел е спроведување на Бриселскиот договор. Ние само бараме од Приштина да го исполни она што го потпиша “, рече Петковиќ.
Косово и Србија се договорија за нацрт-спогодбата за исчезнати лица
По посетата на Белград и Приштина кон средината на октомври, специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак рече дека Заедницата на српски општини е меѓународна обврска на Приштина и дека ќе мора да биде дел од конечниот договор за нормализирање на односите меѓу двете страни.
Европскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел неодамна процени дека може да се постигне договор за неколку месеци ако двете страни добро преговараат.