Бајден рече дека ќе победи на претседателските избори во САД, но не прогласи победа
Кандидатот на Демократската партија за претседател на САД, Џо Бајден, изјави дека ќе победи на претседателските избори во САД, кои се одржаа на 3 ноември, со јасно мнозинство, не рече дека е прерано да прогласи победа, бидејќи во уште неколку сојузни држави продолжува со броењето на рекордниот број гласови кои пристигнаа по пошта.
Бајден засега е во водство во клучните држави во кои се води битка, како Аризона, Невада и Пенсилванија, и ако победи во нив ќе освои 300 гласови во Изборниот колеџ од потребните 270 за да стане претседател.
Кој решава кој ќе биде идниот претседател на САД?
На овие претседателски избори најдолго се чека за прогласувањето победник од изборите во 2000 година, бидејќи поради стравувањето од коронавирусот преку пошта гласаа рекорден број од над 100 милиони избирачи.
„Бројките покажуваат јасна у уверлива приказна: Ние ќе победиме во трката“, рече синоќа Бајден во Делавер, заедно со неговата кандидатка за потпретседател, демократската сенаторка Камала Харис од Калифорнија.
Бајден исто така рече дека води пред претседателот Доналд Трамп во вкупниот број гласови во земјата за над четири милиони, што е јасен знак дека гласачите „избрале промени“. Со досега освоени 74,4 милиони гласови, Бајден постави рекорд на освоени гласови на едни претседателски избори во САД.
Иако вкупниот број гласови не го одредува победникот на изборите во САД, Бајден рече дека тоа е „мандат за акција“ и оти Американците сакаат земјата „да се обедини, а не да се дели“.
Тој најави дека заедно со Харис веќе работат на низа политики, меѓу кои справувањето со коронавирусот во САД, економијата и климатските промени.
Бајден исто така ги повика Американците да останат смирени додека не заврши пребројувањето на гласовите.
Бајден го зголеми тесното водство пред Трамп во клучните сојузни држави Џорџија и Пенсилванија, приближувајќи се до влез во Белата куќа, додека двете страни почнаа да градат стратегии за очекуваната правна битка за резултатите.
Со победа во Пенсилванија, или со победа во две од трите држави: Џорџија, Невада и Аризона, кои сè уште не прогласиле победник, Бајден ќе ја премине границата од потребните 270 гласови. Бајден води во сите четири држави во моментов.
Тимот на Трамп поднесе низа тужби за различни прашања во сојузните држави во кои се прекршува резултатот, иако дел од нив веќе беа одбиени од државните судови и од Врховниот суд.
Двата тима веќе почнаа со јавни активности за собирање средства за да помогнат во плаќањето на очекуваните судски трошоци.
Главниот советник во кампањата на претседателот Трамп, Мет Морган, рече дека без разлика на бројките, „изборите не се завршени“.
Многу тесната разлика во гласови ја нагласи длабоката поделеност на Американците.
Ако победи, Бајден веројатно ќе се соочи со тешка задача да владее во длабоко поларизираниот Вашингтон. Републиканците имаат шанса да ја задржат контролата врз Сенатот во очекување не четирите незавршени трки за сенатори, од кои две во Џорџија. На тој начин Републиканците ќе можат да блокираат голем дел од агендата на Бајден, особено во делот на здравствена заштита и климатски промени. Исто така може да ги попречат неговите планови за справување со пандемијата, која досега однесе над 234 илјади животи во САД, а милиони луѓе останаа без работа во момент кога земјата се бори со последиците од повеќемесечните немири околу расните прашања и полициската бруталност.
Трамп, пак, и покрај намалените шанси за останување во Белата куќа, обвинува, без да обезбеди никакви докази, за изборна измама во државите каде што се чекаат резултатите и се заканува со правни постапки во целата земја.
Кампањата на Трамп започна со голем број правни активности, оспорувајќи го процесот на пребројување. Тие го оспоруваат правилото во Пенсилванија да се бројат гласовите кои се пратени по пошта до денот на изборите, но може да пристигнат и три дена подоцна.
Обвинувањата од претседателот предизвикаа реакции од Демократите, но од некои Републиканци, додека социјалните мрежи поставија предупредувања на некои негови објави дека не се точни.
Врховниот суд денеска треба да го разгледа барањето на Републиканците за прекин на броењето на гласовите во Пенсилванија кои пристигнале со задоцнување. Се работи за илјадници гласачки ливчиња, а се претпоставува дека повеќето се за Бајден.
Поттикнати од реториката на Трамп, мали групи негови приврзаници ги заострија протестите пред некои гласачки центри. Низ земјата се собираат и анти-Трамп демонстранти.
Иако двете страни преземаат главно мирни активности, полицијата вчера уапси двајца луѓе пред гласачко место во Филаделфија по информациите дека вооружена група се упатила кон центарот на градот.