Опозицијата повторно го блокираше влезот на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад
Утринава нив пред обвинителството ги пречекаа силни полициски сили. Набргу по почетокот на блокадата почна интензивно туркање со припадниците на полицијата кои ги предупредија пратениците дека ќе употребат сила доколку не се тргнат и го ослободат пристапот до судот.
Пратениците во репбличкото собрание, Срѓан Миливојевиќ, Радомир Лазовиќ и Павле Грбовиќ, успеаја да влезат во зградата на судот, а полицијата потоа застана на вратата.
Во меѓувреме реагираше и министерката за правда Маја Поповиќ, која блокадата ја оцени како „невиден притисок врз судството во историјата на Србија“.
Пратениците на опозицијата бараат Вишото јавно обвинителство да соопшти кои се осомничените за пропустите кои доведоа до пад на настрешницата и смртта на 15 лица, како судот да одлучува по жалбите на лицата кои се приведени од апсењето по протестот на 5 ноември.
Настрешницата се урна откако зградата на Железничката станица во Нови Сад беше свечено отворена во јули 2024 година по тригодишна реконструкција.
По притисокот на јавноста, министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ, на 5 ноември поднесе оставка.
Обвинителството во Нови Сад досега сослушало 71 лице, но засега никој не е лишен од слобода.
Во Нови Сад беа организирани неколку протести на кои граѓаните побараа кривично гонење на одговорните за трагедијата.