19 загинати во израелски напади во Газа
Цивилната одбрана во Појасот Газа соопшти дека загинале 19 луѓе во синоќешните израелски напади и гранатирање на неколку места во енклавата, меѓу кои најмалку шест деца.
Портпаролот на цивилната одбрана, Махмуд Басал, изјави за АФП дека 19 Палестинци загинале, а повеќе од 40 се ранети во три израелски напади во Појасот Газа, како и во гранатирање со тенкови во Рафа, на југот на територијата.
Во еден од нападите, беше погодена куќа во Зејтун, населба во градот Газа, при што загинаа седум лица, меѓу кои три деца, а десет други беа ранети, рече Басал.
„Што направија овие луѓе? Тие спиеја дома, тоа се цивили кои немаат никаква врска со Хамас или отпорот“, изјави за АФП Абдала Шалдан, член на семејството чија куќа е целосно уништена.
Во вториот напад, во Кан Јунис, на југот на територијата, загинаа шест луѓе, од кои три деца, а 26 беа ранети. Станува збор за раселени луѓе кои живееле во шатори во близина на целната зграда, рече Басал.
Во кампот Нусејрат во центарот на Појасот Газа, уште четири луѓе беа убиени во напад на семејна куќа, а во Рафа, двајца млади мажи беа убиени во тенковски гранатирање, додаде тој.
Војната во Појасот Газа започна по ненадејниот напад врз израелска територија на 7 октомври 2023 година од страна на палестинскиот Хамас, кој САД и Европската унија го сметаат за терористичка група.
Во тој напад загинаа повеќе од 1.200 луѓе, а 251 лице беа киднапирани. Се верува дека има уште 97 заложници во Газа, од кои израелската војска објави дека 34 мртви.
Повеќе од 44.000 Палестинци, според палестинските власти, потоа беа убиени во израелската воена кампања за одмазда во Појасот Газа.