Тошковски: Интерпелацијата од ДУИ е низок обид за манипулација на јавноста
На новинарско прашање Тошковски рече дека тезите коишто се поставувале во изминатиот период од страна на опозицијата, а особено од страна на ДУИ, сами по себе се контрадикторни.
„Македонскиот граѓанин, македонскиот народ многу добро знае што стои зад оваа интерпелација од аспект на нивно барање. Нека им е со среќа. Собранието ќе си постапи во насока на она што смета. Јас искрено сметам дека ова е еден низок обид за манипулација на јавноста“, рече министерот Тошковски, по средбата со министерот за безбедност на Босна и Херцеговина Ненад Нешиќ.
Пратеничката група на Европскиот фронт, вчера (3 декември) поднесе интерпелации за министерот Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени, кои, како што велат, се главно одговорни за инцидентите на Денот на албанското знаме.
Координаторот на пратеничката група на ДУИ Блерим Беџети на прес-конференција рече дека Тошковски и Исени, на денот на празникот на албанското знаме, како одговорни лица, и наредиле на полицијата на невиден и неоправдан начин да интервенира, спречувајќи мирна и традиционална манифестација на Албанците.
ДУИ поднесе интерпелации и за вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ и достави барање на наредната седница на Собранието на дневен ред да биде ставена информација за безбедносната состојба во земјата.
Во врска со настаните со палење на македонското и албанското знаме досега се уапсени 18 лица, од кои четворица се во притвор, а за десетина има покренато прекршочни постапки.