Руските воени бази во Сирија „во состојба на висока готовност“
Во соопштението се наведува дека сирискиот претседател Башар ал - Асад „поднел оставка и ја напуштил земјата по преговорите со голем број учесници во вооружениот конфликт“. Москва објави дека не учествувала во тие преговори.
„Господинот Асад даде инструкции за мирен трансфер на власта“, соопшти Министерството за надворешни работи на Русија.
Кремљ е силен сојузник на режимот на Асад, откако се вклучи за да го задржи на власт во 2015 година.
Не е јасно како Русија ќе биде вклучена во понатамошниот развој на ситуацијата, со оглед на нејзината поддршка за режимот на Асад, но Министерството за надворешни работи соопшти дека е „во контакт со сите сириски опозициски групи“.
Москва соопшти дека нејзините воени бази во Сирија се во состојба „на висока готовност“.
Русија има повеќе воени локации во Сирија, вклучително и воздушна база во Хмејмим и стратешки поморски објекти во Тартус, кои исто така се користат за поддршка на акциите на Кремљ во Африка.
Сириските бунтовници ја презедоа контролата врз главниот град Дамаск рано на 8 декември, откако почнаа молскавична офанзива минатата недела од коалиција на бунтовнички групи предводени од исламистичката фракција Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС).
Советот за безбедност на Обединетите нации, САД, Велика Британија, Канада и Европската унија ја сметаат ХТС за терористичка група.
Асад се потпираше на Иран и на Русија за да остане на власт по избувнувањето на конфликтот во 2011 година.