Пронајдено телото на четвртата жртва од несреќата кај Рашче, повреденото дете е стабилно
Јовчевски вели дека детето е во стабилна општа состојба и дека не е витално загрозено, поради што од денеска се наоѓа на оддел и не е повеќе на интензивна нега.
„Очекувам наскоро да биде пуштено на домашно лекување. Вчера имаше интензивен мониторинг, денеска контролни по протокол, биохемиски параметри за споредба, стабилно е, мислам дека сѐ ќе се разреши поволно за детето кое има пет години“, рече Јовчески за МИА.
Во сообраќајната несреќа синоќа загинаа три лица на патот од Сарај кон Рашче, откако нивниот автомобил излета од патот и падна во реката Вардар. Се трагаше по четврто машко лице, а денеска од Јавното обвинителство соопштија дека било извлечено од водите на Вардар починатото тело на машко лице кое било патник во автомобилот кој излета вчера кај Рашче.
„Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција и на оваа четврта жртва на тешката несреќа. Се работи на утврдување на причините“, се наведува во информацијата од ЈОРСМ. По наредба на јавен обвинител телото ќе биде предадено на судска медицина од каде треба да се добие потврда за идентитетот на лицето, наведуваат обвинителите. Во потрагата по четвртото лице од несреќата учествуваа и припадници на армиските Волци.
Како што соопшти вчера Центарот за управување со кризи, од автомобилот биле извадени тела на три женски лица, а дека се трага по четврто машко исчезнато лице за кое беше наведено дека најверојатно излетало во водите на Вардар.
Медиумите известуваа дека 5-годишното дете било петтото лице во возилото и дека сите биле од исто семејство. Според извештаите детето излетало од автомобилот пред да падне во реката и било било пронајдено од случајни минувачи.
Јавното обвинителство утрово соопшти дека за трите починати женски лица кои биле извадено од возилото кое излетало во реката Вардар била издадена наредба за обдукција.
Од обвинителството истот така наведоа дека се трага по уште едно лице, а дека детето кое патувало во автомобилот, а било пронајдено повредено надвор од возилото и пренесено на Клиничкиот центар.